Скопјани без грижа на совест - фрлаат ѓубре на јавни површини и прават диви депонии

Несовесни граѓани лани фрлиле на јавни површини, надвор од контејнерите, 5.144 кубни метри најразличен отпад, што е зголемување од 516 проценти во однос на истиот период подигнат отпад од диви депонии во 2017 година од страна на ЈП”Комунална хигиена”.

Оттаму за МИА велат дека овие граѓани не само што го прекршиле Законот за јавна чистота, туку и расфрланиот отпад истовремено директно влијае врз загадувањето на животната средина и здравјето на луѓето.

– Постојано се обидуваме да ја покренеме јавната свест за штетноста од несовесното одлагање на отпадот. Секојдневно ги информираме граѓаните и апелираме до нив својот комунален отпад да го исфрлаат само во контејнерите, кантите и корпите за отпадоци. Во таа насока, претпријатието на граѓаните им овозможува без плаќање паричен надомест својот кабаст отпад, во што спаѓа стариот мебел, електронската и електричната опрема, да го депонираат во нашите Центри за селекција во Карпош и во Вардариште – вели директорот на „Комунална хигиена“- Скопје, Абдусамед Шабани.

Само во изминатите 12 месеци собрани се и транспортирани вкупно 140.809 тони комунален отпад. Собраниот и транспортиран отпад во 2018 во однос на 2017 година е зголемен за 2.612 тони или 1,74 отсто.

– Акциите и дежурствата на терен резултираа со намалена појава на диви депонии и непрописно одлагање отпад, а се надеваме дека истиот тренд ќе продолжи и во текот на оваа година, вели Шабани.

Лани беа отстранети повеќе диви депонии во Скопје. Во општината Шуто Оризари беа расчистeни вкупно 390 кубни метри дива депонија составена од градежен шут, кабаст и мешан комунален отпад. Во приватен двор во населбата Лисиче беа подигнати и транспортирани 300 кубни метри кабаст и мешан комунален отпад. Беше расчистена и дивата депонија што се протегаше на булеварот „Никола Карев“, на потегот од касарната „Илинден“ до семафорите кај Момин поток. Во рамки на акцијата беа собрани и транспортирани приближно десет кубни метри кабаст отпад, градежен шут и мешан комунален отпад. Се чистеше и огромна дива депонија лоцирана во општина Сарај при што беа подигнати и транспортирани приближно 350 кубни метри мешан комунален отпад, кабаст отпад и градежен шут.