Скопјанецот кој заразен со корона шеташе низ Охрид ќе плати 2.000 евра казна

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе предлог за издавање казнен налог против 43-годишен жител на Скопје со престојувалиште во Охрид заради продолжено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 13 март на граничниот премин Табановце допатувал од Република Австрија, веднаш заминал во неговиот стан во Охрид и иако знаел дека е должен да се самоизолира, истиот ден се јавил во кабелски оператор и побарал да во станот во кој престојувал да му монтираат кабелска телевизија и интернет. Притоа остварил личен контакт со тројца вработени во кабелскиот оператор, кои ги повикал и ги примил во просторијата во која престојувал, без да ги извести дека е во задолжителна самоизолација и без да носи заштитна маска и ракавици.

Јавното обвинителство предложи на обвинетиот да му биде изречена парична казна од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.