Скопјанецот Бојан го победи ракот: Носи корпа полна надеж кај дечињата на Онкологија

Како мал бил пациент на Онкологија, а девет години подоцна е студент по Информатика. Приказната на Бојан Ристовски од Скопје, младо момче кое има 21 година, ја пренесува Телеграф.мк. 

Бојан сега има 21 година. На 11 години, на летување со родителите, случајно забележале топче на десниот бут. По низа прегледи, испитувања, биопсија, била потврдена страшната дијагноза - Бојан имал не-Хочкинг лимфом, вид канцер. Му била направена операција, следувала хемотерапија. Лекувањето го заковало девет месеци за болнички кревет.

- Јас тогаш и не знаев колку сум бил болен. Дури пред неколку години открив што всушност е оваа болест. Ми се чинеше дека објаснувањето на „Гугл“ е многу пострашно од тоа на што јас се сеќавам. Сега, кога ги гледам родителите на децата болни од рак, сфаќам колку им било тешко и на моите родители - вели тој.

Терапијата ја поднесувал како и сите мали пациенти - некогаш добро, некогаш лошо. 

- Кога ќе ја слушне дијагнозата, родителот веднаш паѓа во очај, мисли само на лошото. Нема потреба од депресија, ниту од прашањето „зошто баш мене да ми се случи“. Мора да се соочиме со болеста и да собереме сили да поминеме низ неа. Да, исходот е неизвесен, но треба да се биде позитивен и да се има надеж. Тоа е мојот рецепт - вели Бојан.

Покрај битките со болеста, по оздравувањето има и други битки - оние со средината. Како детето ќе се врати во одделението во кое учело, како ќе го гледаат другарите, колку последиците од терапиите ќе влијаат врз формирањето семејство. Ова се прашања што загрижени родители му ги поставуваат и нему, кога секој 15 февруари (Меѓународниот ден на децата болни од рак) со својата мајка носи кошници со слатки и им ги дели на децата што се лекуваат на Клиниката за детски болести.

- На децата треба да им се објасни дека околината може да ги избегнува, дека нивните врсници или наставници може нема да имаат разбирање за нив. Во прв момент, тоа ќе им падне многу тешко. Но, трпението е клучно во такви моменти. Со тек на време, сè си доаѓа на свое место - го споделува Бојан своето искуство.

Годишно по 30-40 деца се лекуваат на хематоонколошкиот оддел на Клиниката за детски болести. Меѓу нив има и новороденчиња. Најчести видови тумори кај децата се леукемиите, лимфомите, невробластомот и туморите на централниот нервен систем.