Скопјанец: Во средно бев далеку од добар успех, ме избркаа од училиште, а денеска во мојата фирма работат соученици кои беа одлични

Учи за да не работиш... Една од најчестите реченици кои родителите им ги кажуваат на своите деца, додека се ученици, сметајќи дека на тој начин ќе ги мотивираат, а и дека еден ден нивниот труд ќе се исплати. Да најдат убава работа и секако добра плата со која ќе може да се живее нормално.

Да, некогаш било така, но не и денеска.

Скопјанецот Кирил ја раскажува својата приказна, која ја поврзува токму со учењето и со оценките. Тој сега е возрасен, но се насмевка на лицето се сеќава на ученичките денови. Вели уште како дете, воопшто не го сакал училиштето. Слаби оценки уште од сам почеток.

-Имав единица до единица. Одев и на продолжително, кога на сите ќе им почнеше распустот. Бев едно од најпроблематичните деца во мојата генерација. Моите родители секој ден беа во училиште. Најпрвин разговори со учителката, а потоа и со класниот раководител. Се сеќавам, едвај ме запишаа во средно училиште. Бараа врски на секоја страна. И таму беше онаа иста песна, која си ја знаев од претходно. Не одев на училиште со денови. Имав постојано слаби оценки. Во прва година морав и да го сменам училиштето, се сеќава и раскажува Кирил.

Ниту ќотекот од страна на татко му, ниту кавгите и забраните, не влијаеле врз Кирил.

-Моите мислеа дека од мене нема да стане ништо. Дека ќе бидам паразит, без денар во џебот ќе се влечам по улиците. Неписмен и сиромашен. Мислеа дека цел живот ќе живеам на нивен грб, вели Кирил.

Откако завршил едвај средно училиште, во случаен разговор со татко на еден од неговите другари, добива понуда да замине во Данска, за да работи, општи градежни работи. Кирил прифатил без размислување. Работел таму повеќе време. Се вратил во Македонија. После Данска, Кирил почнал да вози камиони. Му се допаднала таа работа, па по некое време купил свој камион. И така од еден, денеска има девет свои камиони и својата шпедиција, во која има вработено околу 30 луѓе.

-Јас оној, од кој бегаа сите во училиште, не дека сум бил злобен, туку бидејќи имав слаби оценки, денеска сум работодавач на мои соученици. Оние кои беа одлични во генерацијата. Тие имаат завршено дури и факултети, но работат во мојата фирма. Јас оној кој редеше единица до единица. После оваа приказна, едно знам, дека оценките ниту пак училиштето, воопшто не се пресудни за успехот во понатамошниот живот. Јас имав постојано единици, постојано слаб ученик, а денеска имам многу повеќе од оние кои учеа. Они кои редеа петки, оние кои запишаа и завршија факултети. Тие денеска работат кај мене, јас им ја давам платата. Постојано се смееме и разговараме на оваа тема, заедно со сите нив. Не им се веруваше кога дојдоа на интервју за работа, дека ќе работат кај мене. Но, ете и тоа се случи. Се сеќавам дека во генерацијата имаше и уште неколку соученици слични на мене. Денеска и тие се успешни, додава Кирил.