Скопјанец во Шведска: Ни ја земаа младоста и не натераа подобар живот да бараме во странство

Филип е во Шведска и како што вели не дека сака да е таму, туку затоа што мора, бидејќи е присилен. Бара подобар живот, бара подобра егзистенција.

Јас сум три години во Шведска, тука имам менаџерска позиција и солидна плата. За жал не знам ниту еден мој другар или врсник кој во Македонија за толку кратко стигнал до менаџерска позиција.

Освен, тие што беа послушници на политичарите – станаа директори и освен тоа што учествуваа во упропастувањето на државата со цел да ги задоволат симпатиите на лидерите, не направија ништо друго.

Деновиве читам дека докторите масовно заминуваат во Германија и таму се многу поценети и подобро платени. Жално е да учиш десет години факултет и твојата држава да не може да најде начин да ти обезбеди солидни услови за работа.

Гледам, се покачи и цената на бензинот и дизелот затоа што Македонија имала многу ниски цени во споредба со другите европски држави. А, се запраша ли некој какви се платите во Македонија во споредба со другите европски земји. Дали некој размисли како еден млад човек ќе може со таа скромна плата да вози возило?

Ни ја земаа младоста и на натераа подобар живот да бараме на запад, да се мачиме во нова средина и ново општество и да почнеме нов живот од почетокот. Не присилија да го оставиме семејството и да еднаш годишно да дојдеме на пет дена да се видиме со нив. И не само на мене, туку на една генерација млади луѓе кои за жал живеат во оваа вечно транзициска држава.

Драги политичари од мое име и од име на тие десетици илјади иселени млади луѓе сакам да ви кажав: Фала!