Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија успешно заврши. Попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, соопшти вчера директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.
Но, веројатно граѓаните поинаку размислуваат. На социјалните мрежи тие пишуваат коментари со кои се доведува во прашање точноста и прецизноста на оваа важна операција.
Заврши пописот фушерајски како што и започна. Фрливме во ветар 8,5 милиони евра, за денес повторно никој појма да нема колку жители навистина има во Македонија. 1,9 милиони жители, вели ДЗС, и 200,000 во дијаспората, но всушност овие бројки значат: 1,9 милиони матични броеви кои ги пријавил некој кој живее во Македонија, за кои никој точно не знае каде живеат, и 200,000 матични броеви кои сами си се пријавиле онлајн, од кои некои живеат дури и на Антарктик, пишува Горан Лазаревски во својот фејсбук.
Се додека Македонија е држава во која вработувања се делат по етничко-партиски клуч наместо компетентност и се додека јазичните права ни зависат од проценти, ние нема да можеме саглам да спроведеме ниту една елементарна статистичка операција, а камо ли некоја друга посуштинска реформа, додава тој во својот фејсбук статус.
На сличен став и скопјанецот Гоце кој вели дека пописот поминал, но во неговиот дом не дошол попишувач за да ги евидентира.
Кај дома никој не дојде да нѐ попише. Никогаш не најдовме лист на врата или пак во лифтот или влезот во кој ќе има информации дека некој дошол нас да не попише или пак комшиите. Или пак дека сака да не попише, а секогаш има човек дома, вели Гоце на фејсбук.
Резултатите од пописот се очекува да бидат објавени во рок од шест месеци од денот на завршувањето на пописот, односно до крајот на март следната година.
Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот, истакна вчера директор на Државниот завод за статистика.