Скопјанец откако останал во пензија, градскиот метеж го заменил со чист воздух и вистинска природа

Васко целот свој живот го поминал во Скопје. Тука се родил, растел, се школувал, работел, основал семејство. Работниот век го поминал како учител. Тој од пред три години е во пензија.

Градскиот метеж од автомобили, загадениот воздух, галамата и многуте луѓе, ги заменил со нешто сосема поинакво. Со село, чист воздух, здрава средина и вистинска природа. Уште додека работел, тој на периферија си направил мала скромна викендичка. Тогаш таму одел само за викенд или празник, а денеска таа мала скромна куќичка е негов вистински дом. Таму си живее со својата сопруга.

-Убаво ни е тука. Имаме мир и тишина. Оние четири ѕидови ги оставивме на децата. Ние сме возрасни, не можеме да го издржиме тој градски притисок. Се, си произведуваме сами. Има и за нас има и за нашите деца. Се е домашно произведено, чисто. Ништо не купуваме. Си чуваме и прасиња и кокошки. Имаме и една коза. Прасињата ги колеме на есен. Си имаме месо, а има и за децата. Секој ден имаме јајца, домашни. Козата ни дава млеко. Си правиме урда и сирење. Во дворот имам секаква овошка. И за тоа нема потреба од купување, вели дедо Васко, кој додава дека е потполно исполнет што е таму, и дека не му смета што е изолиран од светот.

Тие имаат мала, скромна куќичка, но со сите основни услови за живеење. Без размислување градската средина ја смениле со селска.

-Децата постојано ни доаѓаат на гости. Внуците сакаат слобода. Тоа во град го немаат. Тука можат да трчаат и да викаат колку сакаат, додава тој.

Додека живеевме во Скопје, секој ден имавме проблем со притисок, со холестерол, со шеќер во крвта, постојано главоболка и вртоглавица. Тоа тука го нема. Тука има само здрав живот и чист воздух.

Дедо Васко вели дека откако дошол на село,животот му се продолжил.

-Јас кога влегов во пензија се чувствував дека сум способен да работам уште. Не можев да замислам да седнам и да седам пред телевизор или да се шетам по цел ден по улиците. Сега, секој ден си имам обврска. И го градината и во дворот и околу куќата. Сопругата ми е задолжена само за домашните обврски. Да имам секој ден тазе леб, оној кој секогаш ме навраќа во детството.

Среќен е дедо Васко, кој упатува апел до сите луѓе, особено до пензионерите, ако имаат можност да не се гушат во градските средини. Бидејќи како што вели тој, животот се продолжува таму каде што има чист воздух и здрава средина.