Скопјанец осомничен за разбојништво во аптека

Основното јавно обвинителство Скопје нареди да се спроведе истражна постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за кривично дело разбојништво.

Како што соопшти државното јавно обвинителство, осомничениот завчера, 22 февруари, на улицата „Борис Трајковски“ во Скопје влегол во аптека и од вработената побарал да му ги даде парите.

-Таа му кажала дека нема пари и му рекла да ја напушти аптеката. Во тој момент, осомничениот и се доближил и започнал да ја турка со намера да дојде до касата. Вработената зела пластичен стол и почнала да го оттурнува, па повикала помош. Бидејќи не можел да стигне до касата, осомничениот ја напуштил аптеката, но на излезот го пресретнале припадници на агенција за обезбедување и го лишиле од слобода, соопшти ЈОРСМ.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност тој да избега или да го повтори делото.​