Скопјанец: Никогаш не беше вистински татко, се што ќе заработеше - ќе испиеше, ме срамеше секаде и во училиште и на улица

Многу деца се соочуваат и се жртви на родители кои се одлучваат семејството да го сменат за алкохолот.

Такава е и судбината на скопјанецот Ивица, кој сега е возрасен и има свое семејство, но како што вели, детство од пеколот. Детство, на кое не сака да се сеќава, но никако не може да го избрише од сеќавањата.

Обично сите имаат убави спомени за детските денови, но не и тој.

Татко му бил алкохоличар, па почнал и да се коцка. Секој ден бил пијан. Се што заработел, трошел на алкохол.

-Јас не се сеќавам, да имаше ден, а тој да не биде пијан. Секој ден. Од утро до навечер. Имаше убава работа за тоа време. Имаше своја работилница за поправање на коли. Добро му одеше. На почетокот живеевме под кирија. Подоцна едвај некако собра сили за да купими плац. Помагаа бабите и дедовците. Подоцна куќата ја направивме со помош на дедо ми, кој цел живот е во Германија. Се беше добро, до моментот кога алкохолот не започна да му го зема паметот. После работа постојано доаѓаше дома пијан. Викаше по мене и брат ми и по мајка ми. Многу пати бевме и жртви на ќотек, сите тројца. Највеќе мајка ми. Ние тогаш бевме помали. Од неговата плата, немаше ништо дома. Живеевме од платата на мајка ми. Едвај крај со крај. Тој само пиеше. Ме срамеше постојано. Кога ќе излегував надвор до децата, знаеше некогаш да дојде и да ме истепа, така пред сите. Посрамен се враќав дома. Неколку пати му се случуваше да дојде пијан и во училиштето и да ме посрами и таму. По некое време започна и да се коцка. Куќата ја изгубивме. Куќата која што ни ја направи дедо ми, татко на мајка ми. Полиција не исфрли надвор како партали. Отидовме да живееме под кирија, но не го земавме него со нас. Мајка ми се разведе од него. Ние веќе расневме. После десеттина години одење по судови и други институции, успеавме да ја вратиме куќата назад, раскажува Ивица.

Тој сега има 35 години, а оваа приказна ја раскажува со солзи во очите.

-Многу боли кога ќе га гледаш мајка ти како плаче. Многу боли кога ќе видиш како другите татковци се однесуваат со своите деца. Боли кога не добиваш љубов од својот родител. Еднаш мајка ми кога зема плата ни купи крем. Бевме многу среќни до брат ми, бидејќи тоа не се случуваше често. Во неколку месеци еднаш. Тој се налути, стана и во кремот ни здроби лута пиперка. Не знаете колку плачевме. Сите тројца, се сеќава Ивица.

Кога успеале да си ја вратат куќата назад, Ивица и неговиот брат веќе биле возрасни. Почнале да работат, за да помагаат на својата мајка. Се било убаво, но без него. Биле среќни, но само за кратко. Мајка им, починала.

-Таа беше жена, борец, лавица во вистинска смисла на зборот. Никогаш не се предаваше, не се откажуваше, не паѓаше. Се бореше до последен миг... Судбината си поигра со неа. Не успеа да му се радува на животот. Многу рано си замина од овој свет...

Ивица денеска е татко на три деца. Вели, неговите деца никогаш нема да дозволи да ја имаат истата или пак слична судбина како неговата.

-Се трудам моите деца да имаа се. Некои ме осудуваат бидејќи ги размазувам. Но, така сакам. Сакам да имаат се, што сум немал јас, пред се љубов и татко. И знаете што, во мојот дом секогаш има крем, ама не со пиперки. Убав крем. Бидејќи јас не можев да се радувам и да уживам во мојот од пред многу години, па нека уживаат сега моите деца, раскажува Ивица.