Скопјанец ја претепал до смрт жената со која живеел

Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27-годишно лице, осомничено за убиство.

Како што информираат од Обвинителството, осомничениот, на 10 мај, во раните утрински часови, во куќа на улицата „Перо Наков“, при вршење семејно насилство, со умисла лишил од живот жена со која живеел во заедничко домаќинство и со која имал блиски лични односи.

– Тој со повеќе удари со раце и нозе во пределот на главата и по целото тело и нанел повеќе телесни повреди – хематоми од кои кај неа се развил трауматски шок и настапила смрт – велат од Обвинителството.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, основан страв дека осомничениот би можел да ги скрие трагите на кривичното дело или да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и особени околности кои укажуваат дека тој би можел да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје му предложи да определи мерка притвор за осомниченото лице.