Скопјанец измамил мигранти – им зел по 3.000 евра за да ги пренесе во Србија, но ги оставил среде пат

Тринаесет мигранти од Ирак биле откриени на патот Куманово – Табановце. Во разговор со полицијата, тие рекле дека непознато лице, за кое подоцна се утврдило дека станува збор за жител на скопско Студеничани, им зело по 3 000 евра за да ги пренесе од грчката граница до Србија, но ги оставил среде пат.

Според информациите на МВР, завчера околу 07 часот во близина на бензинска пумпа на автопатот Куманово-Табановце фатена е група од 13 мигранти од Ирак, без документи за идентификација, од кои деветмина мажи, две женски лица и две деца. Тие се движеле во правец од Куманово кон патниот премин Табановце. Едно лице кое било дел од групата, наш државјанин и коешто требало да ги смести мигрантите во реонот на село Ваксинце, претходно ги оставило мигрантите и побегнало.

Во разговор со полицијата, мигрантите рекле дека од страна на непознатото лице тие биле транспортирани од јужната граница кон ГП-Табановце со автомобил „ауди-А8“. Според нивното кажување непознатото лице им се заканувало и од секој поединечно зело по 3 000 евра за да ги спроведе од грчката граница до Србија. При тоа, истиот ги измамил и насилно ги растоварил во близина на бензинската пумпа.

По превземените оперативни, полицијата утврдила дека станува збор за лицето Ф.В. (35) од скопско Студеничани.

Мигрантите како жртви на криумчарење привремено се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје.