Скопјанец искрен: Спас и решение за проблемите барав во алкохолот - западнав во дупка без дно

-Да ми кажеше некој дека јас ќе дојдам до овој степен еден ден, толку многу ќе му бев лут... Но, ете сега сум во една голема дупка, за која се прашувам секој ден, дали има дно... Во брак 18 години, со неуспешни обиди за деца... Секој ден мака, нервоза... не можев да поверувам и да се помирам со фактот дека нема да станам родител.

И како одеше времето напред, така станував се побесен, и на себе и на сопругата и на целата околина околу мене. Како некој друг, се, да ми беше виновен. Почнав постепено утеха да барам во алкохолот. Чекор по чекор ја станав алкохоличар. Поради алкохолот ја изгубив работата како царинарник. Најдов друга, но никој не трпи пијаница на работа. Почнавме да се лечиме со сопругата... Но, како, кога наутро ќе примам терапија, а после неа алкохол... Ништо успешно... Станував секој ден се понапорен. Почнав да ја малтертирам сопругата. Родителите, со кои живееме во заедница починаа. Останав да живеам на грбот на сопругата која работеше како медицинска сестра. Полицијата неколку пати ме стопираше како возам во алкохолизирана состојба, и добивав големи казни. Секако и тие на товар на сопругата, и се до моментот кога таа реши да стави крај и да замине... Да замине без да се сврти накај мене...

Поминаа неколку години од тогаш, никогаш не праша за мене, а јас денеска сум сам, на алкохолот не ни помислувам, но залудно... Денеска веќе е доцна. Денеска сум сам. Сам како куче скитник, кое чека само смртта да се појави.

Како стигнав до тука се прашувам. Човек од видна, добра фамилија. Родителите ми беа наставници, јас работев како царинарник, до мене имав прекрасна сопруга... Денеска... Денеска сум ништо. Денеска немам ништо...