Скопјанец добил 15.000 евра - УЈП му земала 10.500

Скопјанец, кому родителите по нивната смрт му оставиле 15.000 евра, што ги чувале „под перница“, решил да ги однесе во банка. Но, по извесно време тие му биле оданочени со данок од 70 проценти, односно му биле одземени 10.500 евра, пренесува Плусинфо.

Упатените објаснуваат дека ова не е единствен случај. Голем број граѓани, исплашени од случувањата по распадот на поранешна Југославија, кога парите им останаа заробени во банките, своите заштеди долго време ги чувале „под перница“, за да подоцна почнат да ги внесуваат во банките. Но, сега тие се соочуваат со нов проблем – да докажат како се стекнати тие пари. Во спротивно, ќе им бидат оданочени – поточно одземени – повеќе од половина. Бидејќи сè уште нема регулатива со која таквите пари ќе бидат легализирани, и од која ќе бидат задоволни „двете страни“, излегува дека на граѓаните им е поисплатливо и натаму да ги чуваат дома.

За тоа постојат годишни даночни пријави. Ако некој не пријавил приход за оданочување, ако има несразмерни примања во споредба со тоа што го поседува, нормално е да се постапува. Во посебните постапки за утврдување персоналниот данок, Управата утврдува дали лицетo поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, кои потекнуваат од приходи за кои не е утврден данок или не може да се докаже нивното потекло. Основа за пресметување на данокот претставува разликата помеѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за нејзино стекнување. Данокот на непријавените приходи се пресметува по стапка од 70 проценти - објаснуваат во УЈП за Плусинфо.