Скопјанка која замина на работа во Германија – првиот шок го доживеала уште во супермаркет

Ирена е од Скопје. Во потрага за подобар живот, таа се решила да замине во Германија.Иако претходно никогаш немала отидено таму, ниту пак знаела што ја чека, цврсто била решена да замине, а го знаеле само германскиот јазик.

-Само сакав да заминам на некое време, да побегнам од негативностите кои ги има во мојата татковина и самата да си дадам шанса да видам дека постои нешто подобро од тука каде што се наоѓам, ја почнува својата приказна Ирена.

-Додека се возев кон Германија гледав во тврдата хартија, на која пишуваше магистер по политикологија. Хартија за која изгубив цели 5 години од својот живот и многу пари. Сертификат за сметководител беше следниот. После него имаше и уште многу сертификати. Додека ги гледав сфатив дека се обични листови хартија, кои претставуваат само доказ дека знам нешто да работам, а чија цена се уште не е исплатена, ниту пак некогаш се искористени. Кога ги разлистував документите, наидов и на си-ви, на кое имаше искуство од работа во туризам, угостителство, медиуми и ИТ индустрија, вели Ирена.

Кога стигнала во Германија, најпрвин се шетала како турист, и како што вели, многу често по улиците, кафулињата и маркетите може да се слушне македонскиот јазик.

-Отидов до супермаркет за да купам овошје. Цените на прехрамбените производи не се многу различни од кај нас, а може да се најде и нешто поевтино. На излегување забележав луѓе средени во одела и елегантни чевли кои од скапи и големи автомобили извлеуваат ќеси со празни шишиња кои ги носат, за да за истите добијат одредена сума на пари. Ги видов и истите тие луѓе кои во обичен маркет купуваат обични памучни маици, јакни или чевли. Таму сето тоа е економично и рационално. Тие не го прават тоа бидејќи немаат пари, туку затоа што станува збор за совест и рационално трошење на парите. Зошто да ги фрлате празните шишиња, кога можете за нив да земете некој денар. Зошто мајцата која ќе ја носите под облеката да ја плаќате три пати поскапа затоа што има брендирана етикета. Не се плашат да не ги види соседот дека носат празни шишиња па да помислат дека немате пари за основни средства за живеење и дека не им оди добро во животот.

-Откако завршив во маркетот седнав да пијам кафе во едно кафуле. Почувствував еден несекојдневен мир. Околу мене никој не зборуваше за политика. Никој не зборуваше за муслиманите ниту пак за православните. Никој не спомнуваше дека му доцни платата, или пак дека нема работа, или дека прекувремените часови не му се платени. Таму немаше муабети ниту за Заев, ниту за Груевски. А верувајте ништи од тоа и не сакам да го слушам. Не сакам да бидам дел од таква дискусија.Сакам нова сосема различна иднина.

Наместо да ја трошам енергијата на бесконечни расправии, докажувања и филозофирања за различни фракции, јас сакам само да работам и да се доусовршувам. Наместо да им се покорувам на авторитетните, само поради нивната положба, јас сакам да учам од нив, и јас во иднината да бидам таа. Секако, и тука не е се мед и млеко, но е поразлично од Македонија. Надвор сум граѓанин од втор ред. Потребно е да се прилагодиш, да го научиш јазикот. Да запознаваш нови луѓе, да научиш како функционира системот. Сето тоа бара пот и време. И тука многу се работи. Но, секогаш си платен толку колку што заслужуваш.