
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски сподели дека склучен бил договор за изработка на основен проект за зафаќање на вода од Раштанска река – проект од исклучително значење за жителите на Раштак и за целата Општина Гази Баба.
„Го потпишав договорот за изработка на основен проект за зафаќање на вода од Раштанска река со што и официјално започнува реализацијата на едно децениско барање на жителите на Раштак“, истакна Стефковски во објава на Фејсбук.
Тој посочи дека станува збор за долгогодишен проблем и потреба на населението, за кој изминативе години постоел голем интерес и очекување.
„Со изработката на основниот проект се поставуваат темелите за реализација на овој капитален зафат, кој во иднина ќе овозможи подобри услови и поквалитетна инфраструктура за жителите. Особено значајно е што средствата за реализација на проектот се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, што претставува уште еден доказ за успешната и партнерска соработка помеѓу централната и локалната власт во интерес на граѓаните“, нагласи градоначалникот.
Тој воедно порача дека како локална самоуправа ќе продолжат посветено да работат на реализација на проекти кои директно ги решаваат потребите на граѓаните.