
Сашо Дранго, кој ја разбранува јавноста со фотографија на застрелана мечка, повеќе не е заменик-директор на ЈП „Македонија пат“. На негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.
Дранго беше во центарот на скандалот откако организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“ ја објави фотографијата на која тој позира со убиена мечка и оружје в рака. По ова, Основното јавно обвинителство Битола отвори предмет за случајот.
Во екот на полемиките, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ако се докаже дека Дранго ја застрелал мечката, тој ќе биде разрешен и повикан на одговорност.
Веста за смената ја потврди самиот Шуковски, кој на социјалните мрежи објави дека стапува на функцијата.
„Денес е мојот прв работен ден на позицијата в.д. заменик-генерален директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (‘Македонија пат’). Голема благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, членовите на владата и членовите на управниот одбор на институцијата за дадената доверба“, напиша Шуковски.