Скандал во општина Центар: Вистински шок за родителите и дечињата, на неколку денови пред почетокот на учебната година

На неколку недели пред почетокот на учебната година вистински скандал го тресе основното училиште ,,11 Октомври’’  каде на само неколку денови пред почетокот на новата учебна година четвртоодделенци од основното училиште остануваат без двете наставнички. Образложението на менаџментот на училиштето е дека едната си заминува поради лични причини, а другата е распоредена на работа во друго училиште од Општина Центар со образложение дека тука и се укинува работното место

Според информациите на Скопје Инфо,  во текот на денешниот ден на родителите им е соопштено дека паралелката се укинува, а учениците ќе бидат поделени во останатите две одделенија.

Родители попладнево, реагираат на ваквата одлука. Загрижени бараат средба со директорката на училиштето, Даница Блажевска и со градоначалникот Богдановиќ.  Велат дека недозволиво е во вакви околности со оглед на ситуацијата со Ковид-19 и новиот пристап на учење да се прават вакви промени и нивните деца да минуваат низ дополнителни трауми кои би можеле да влијаат на образовниот процес.

Им се менуваат наставничките, но и се разделуваат од другарчињата со кои учеле изминатите три години, коментираат тие.

Родителите посочуваат дека минатата учебна година одлично била реализирана он-лајн наставата од страна на двете наставнички, а децата солидно го совладале предвидениот материјал за трето одделение.

 Револтирани се што од септември ќе ги учат наставнички кои немаат искуство со онлајн предавања. Бараат одделението да не се дели и едната од наставничките да остане и таа да ја изведува наставата, која според одлуката на здравствените и образовните власти за четвртооделенците ќе се одвива на далечина. Велат дека нема да дозволат некој да си поигрува со децата и дека подготвени се работата да ја истераат до крај.