Сѐ поголем интерес за шопинг во Врање и Приштина - Поголем избор и поевтини цени!

По Солун сѐ поголем интерес за шопинг во соседна Србија и Косово.

Освен преку туристички агенции, граѓаните и сами се организираат, за да заминат на еднодневна прошетка и шопинг, а најчести дестинации се Солун, Врање, Ниш, но од скоро време и Приштина во Косово.

-Додека да пристигне познатиот бренд на супермаркети „Лидл“ во Скопје, Македонците сѐ почесто патуваат на шопинг во Солун, но оваа дестинација како да се „исцрпе“ веќе, па така сега повеќе се бараат тури до Врање, но и Приштина, вели еден туристички работник.

-Блиску е, што значи им останува повеќе време за кафе, за прошетка, за шопинг...Одат не само поради поевтините цени, туку и поради поголемиот избор. Значи има производи кои ги нема низ нашите маркети, бутици, трговски центри, додава тој.

Цените за превозот се движат од 600-800 денари, повратен билет, додека за патување „во сопствена режија“ има трошоци околу Зелен картон и паркинг. 

Храната е тука некаде со цените, облеката е двојно поевтина. Има голем избор на мини-мебел и работи за домаќинство.

-Неодамна бев во најголемиот трговски центар во Приштина и навистина имаше реално попусти и акции, не како кај нас. Облеката од познатите брендови е речиси двојно поевтина од кај нас, има поголем избор. Низ обичните продавници има евтини работи, најмногу облека за деца по поволни цени, па така може да се најдат маички за деца 2 за три евра со проверен квалитет, има поевтини играчки, постелнини и украси за дома..., споделува една скопјанка.

-Прв пат бев во „Приштина Мол“ и навистина сум задоволна. Цените на спортските бренови се пониски отколку кај нас, имаат модели кои ги нема кај нас. Пазарував за цело семејство и сум задоволна, вели една кумановка.

-Ние често одиме во Врање. Обично на ручек, бидејќи имаат вкусна скара, а попатно и низ продавниците. Цените се горе-доле како кај нас, но некои работи се поевтини и има поразличен избор од кај нас, споделува една скопјанка. 

Македонците најчесто се одлучуваат за брендови од типот на „Зара“, „Бриколаж“, „Лидл“, „Пепко“, „Икеа“, „Котон“, „Ваикики“, „Јуск“, „Њујоркер“, но ги посетуваат и популатно наречените кинески продавници каде цените се навистина ниски.