Сѐ е поскапо, а граѓаните ја губат куповната моќ - Каква инфлација ја чека Македонија?

Цените во септември годинава во земјите од еврозоната биле за 3,4% повисоки во споредба со истиот месец лани, соопшти Евростат. Тоа значи највисока инфлација во последните 13 години. 

Дали инфлацијата се должи на порастот на  енергијата која е за цели 17,6% поскапа отколку во септември минатата година?

Ниту Македонија не е исклучок од овој европски тренд. Растат цените на горивата во земјава, а не се знае ни како ќе биде со цената на струјата. 

Граѓаните се сѐ позагрижени за најавеното поскапување на храната, иако државата најави дека нема да има драстични скокови, а и во случај да има, ќе реагираат со соодветни мерки. 

-Инфлацијата е катастрофална иако тоа владата не го признава. Според меѓународниот монетарен фонд ние ќе имаме најголема инфлација во регионот, изјави вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

-Умерено зголемување на инфлацијата најави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска. Таа истакна дека со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции. Досега стапката на инфлацијата се одржуваше на 2,2 проценти. 

Додека паѓа куповната моќ на граѓаните, а цените на прехрамбените продукти во маркетите и продуктите на пазарите растат многу е важно граѓаните да останат смирени, предупредуваат светски експери бидејќи психолошкиот момент на купување однапред и барањето на повисоки плати од работодавачите може да ја влоши и така генералната економска ситуација во европските земји.