Сите вработувања и преземања, ДИК ќе ги соопштува на јавна седница

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го усвои финансискиот план на Комисијата за 2023 година, кој е во висина од 82 милиони 641 денар. Членовите на Комисијата исто така донесоа заклучок со кој на јавна седница ќе биде соопштуван нивниот план за вработувања и преземање на вработени, со цел зголемување на транспаретноста.

Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху истакна дека вкупните приходи на ДИК се 82 милиони 641 денар од кои 71,3 отсто ќе се користат за плати и надоместоци додека другиот дел за тековни работи на ДИК, како што се стоки и услуги, трансфери и капитални расходи и.т.н.

Изгласана е висината на благајничкиот максимум за 2023 година која ќе изнесува 300 илјади денари, како и Годишниот план за јавни набавки за 2023 година. Планот ќе биде ојавен на веб – страните на Бирото за јавни набавки и на ДИК.

Државната изборна комисија денеска донесе и Упатство за безбедно работење и според Шеху, тој се носи врз осова на членот 65 од Законот за безбедност и здравје при работа.