
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во синоќешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, коментирајќи го системот „Безбеден град“, изјави дека во Скопје, во фаза на имплементација е „паметен зелен бран“.
„Во рамките на Скопје е во фаза на имплементација паметен зелен бран, кој со неговата целосна имплементарција, проточноста на сообраќајот треба да се зголеми, односно да имаме околу 30% побрза проточност на возила, кога овој паметен зелен систем ќе биде имплементиран. Станува збор за систем со кој ќе бидат опфатени сите булевари во рамки на градот Скопје, со што и тоа како ќе се подобри проточноста на возилата. Интензивно се работи на имплементирање на ова решение“, истакна Тошковски, дополнувајќи дека истражувањата за тајмерите на семафорите и искуствата покажале дека тие се повеќе штетни отколку корисни.
Инаку, во однос на функционирањето на системот „Безбеден град“, Тошковски рече дека нема човек кој управува моторно возило во Скопје и кој што не ги гледа придобивките него.
„Го нема веќе дивеењето по улиците, ги нема ненормалните брзини, и тоа се гледа. Ја нема таа нетрпеливост. Бројките на сообраќајните незгоди се намалуваат, бројките на повредени лица се намалуваат, целта која сакавме да ја постигнеме и тоа како има одѕив од јавноста“, истакна меѓу другото министерот.