Сите седум основни училишта во Ѓорче ќе добијат фотоволтаични системи

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски информираше дека Општината започнува реализација на еден од најзначајните и најиновативните проекти во областа на обновливите извори на енергија.

Станува збор за, како што вели, првиот проект од ваков вид во Македонија, кој ќе се реализира преку модел на јавно-приватно партнерство. Во рамки на проектот, на сите седум општински основни училишта ќе бидат поставени фотоволтаични системи.

Проектот ќе се реализира без дополнителен финансиски товар за општинскиот буџет, а Општина Ѓорче Петров ќе остварува 18% од приходите што ќе се генерираат од производството на електрична енергија.

„Со овој проект: ги ставаме во функција покривите на училиштата; произведуваме чиста и обновлива енергија; создаваме поодржливи и енергетски поефикасни училишта; обезбедуваме нов извор на приходи што повторно ќе се инвестираат во проекти од интерес на граѓаните. Ова е инвестиција што не носи придобивки само денес, туку создава долгорочна вредност за образованието, животната средина и идните генерации“, истакна Стојкоски.