Љубов. Сите ја бараме. Сите мислиме дека знаеме да сакаме. Сите сакаме. Сите порано или подоцна патиме. Љубов = Тага, но истовремено Љубов = Среќа.

Тенка е линијата помеѓу патењето и среќата, но ризикот за тага сите несвесно го преземаме секогаш кога сме заслепени од убавината на моментот и уверени сме дека ние сме нешто посебно и дека баш таа љубов, нашата љубов, е најголема на светот и дека таква љубов никогаш не постоела, дека постои само среќа која ништо не може да ја наруши, дека личноста која сме ја пронашле е совршена за нас.

Со развојот на таквите мисли – разочарувањето е неминовно, понекогаш порано, а понекогаш подоцна. И тука кругот се затвора и почнува патењето.

За оние кои се доволно мудри, тоа патење може да стане вовед во личен развој, во некој нов вид на љубов, преку спознавање и прифаќање на предметот на љубовта онаков каков што е.

За оние малку послабите, разочарувањето станува преголемо, губат доверба во спротивниот пол, затоа што според нив, ако љубовта исчезнала, тогаш никогаш не постоела, а ако баш тоа што ние сме мислеле дека е љубов не било љубов, тогаш љубовта неминовно и ја нема.

Често се случува луѓето да се откажат од љубов уште по првото разочарување. Се трудат да ја заборават љубовта, да се уверуваат себеси дека љубовта не постои и дека љубовта е само некаква илузија и преценет збор. Не сфаќаат дека со откажувањето од љубовта се откажуваат од самите себе и се откажуваат од среќа. А нема потреба, сѐ е далеку поедноставно отколку што изгледа.

За жал, не постои училиште за љубов. Ја учиме низ животот, секој на свој начин и од различни учители, повеќе или помалку вешти. Погрешно е учењето дека само еднаш се сака во животот, погрешно ја толкуваме љубовта, па заљубеноста и страста ги сместуваме во љубов.

Погрешно нѐа учат дека постои само една совршена личност која баш таму некаде седи и нѐ чека. Стануваме жртви на илузија и очекувања кои самите сме ги создале, па потоа нѐ разочарале. И тогаш, како вистински кукавици – ние се откажуваме.

А зошто љубовта да не ја гледаме и сметаме за вештина? Вештина која се стекнува во текот на животот. Нешто како возењето автомобил. Замислете што би се случило ако сите се откажат од возење по првата грешка зад воланот? Или замислете каква штета би било да не научите да пливате само затоа што не сте пливале совршено првиот пат кога сте се обиделе да пливате.

И љубовта се учи, во љубовта се расте и полека се сфаќаат сите нејзини облици.

Сите искуства кои сте ги имале или имате, се едно наверојатно и прекрасно патување, тие се една потрага по искрена и вистинска љубов која постои и која, ако сте доволно храбри, трпеливи и не се откажете од својата потрага, еден ден ќе ви ги донесе сите оние прекрасни работи за кои сонувате.

Секоја личност којашто сте ја сакале била „правата“ и „вистинската“, затоа што тие личности биле покрај вас како учители. Заблагодарете им се на сите кои сте ги сакале, затоа што тие ве обликувале и направиле она што сте денес. Заблагодарете се и на личноста која моментално е покрај вас, ценете го сегашниот момент, внимателно отворете ги очите и учете.

Колку побргу ги научите сите лекции од училиштето за љубовта, толку побргу ќе бидете посреќни, посакани, поисполнети и со насмевка на лицето и душата ќе се сеќавате на сите искуства кои ве донеселе во тој момент.

И не заборавајте: „Среќен е само оној кој умее да сака!“ – Херман Хесе.