Сите кои допатувале од региони со коронавирус задолжително да се јават на дежурните телефони

Владата апелира сите граѓани што допатувале од регионите со официјална епидемија со корона вирусот задолжително да се јават на контакт телефоните на центрите за јавно здравје.

Како што соопшти владината прес-служба, сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и сите ученици и студенти доколку во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Народна Република Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција.

Се апелира лицата веднаш да се јават на телефоните за контакт во центрите за јавно здравје. Во Битола – 071/261-330, Велес – 071/219-278, Гевгелија – 078/545-444, Кочани – 071/373-913, Куманово – 070/215-851, Охрид – 070/723-029, Прилеп – 076/475-747, Скопје – 071/289-614, Струмица – 072/235-543, Тетово – 075/240-464, Гостивар – 076/365-161, Штип – 078/365-613, и на телефонот на Институтот за јавно здравје – 078/387-194, како и на телефонот „Ало докторе“ – 02/15-123.

– Со исполнувањето на оваа обврска граѓаните ќе помогнат да се соберат релевантните информации за состојбата со корона вирусот за да можат институциите навремено и ефективно да реагираат, се вели во соопштението.

Владата повикува на максимална лична одговорност на секој вработен во институциите, родителите на децата во образовниот процес и на сите граѓани за да се оствари максималната заштита на секој поединец и на јавното здравје, како и да се следат и практикуваат препораките на Министерството за здравство и на Светската здравствена организација.