Сите градинки на територија на Општина Центар добија прочистувачи за воздух

Денес сите градинки на територија на Општина Центар добија прочистувачи за воздух, согласно одлуката на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Продолжуваме понатаму во напорите да обезбедиме подобри услови и почист воздух за нашите деца, вели градоначалникот Саша Богдановиќ. 

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ја посетија детската градинка Кочо Рацин, каде се инсталирани прочистувачи на воздухот. Истите се донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од активностите од Планот за чист воздух на Владата на РМ што се спроведуваат во рамки на борбата против аерозагадувањето во нашата држава.

„На вчерашната 24-та седница на Советот на општината, прифативме донација согласно одлуката на Владата на РМ. Како донација на МЖСПП вкупно се донирани 17 прочистувачи за воздух и истите се распоредени во три објекта и тоа во ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“ – 9 прочистувачи, ЈУДГ ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ 5 и ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ – 3 прочистувачи. Во план е овој тренд да продолжи во соработка со Град Скопје, Министерството за животна средина и Владата“, изјави градоначалникот Богдановиќ.