
Пробното пуштање на системот „Сејф сити“ за само три дена регистрирало огромен број сообраќајни прекршоци, што според МВР го потврдува неговото значење за подобрување на безбедноста на патиштата.
Во гостувањето на ТВ Телма, началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов, и државниот советник во кабинетот на министерот, Владимир Велковски, открија дека системот забележал рекордер во брзо возење – дури 231 километар на час на скопската обиколница, на 1 декември.
За потсетување, во првите 24 часа од тест-периодот на 1 декември, системот регистрирал околу 110.000 прекршоци. Веќе следниот ден, на 2 декември, бројката значително се намалила и биле евидентирани 50.652 прекршоци. Од нив, најголем дел се однесувале на пречекорување на брзината – 48.861 случаи, за поминување на црвено светло биле регистрирани 1.366 прекршоци, а 425 за нерегистрирани возила.
Најмногу случаи на брзо возење се забележани на излезот од Скопје кон Тетово, каде биле регистрирани околу 4.300 прекршоци, како и на булевар „Никола Карев“, каде биле евидентирани околу 3.000.
Соговорниците од МВР нагласија дека податоците добиени за само неколку дена од тестирањето ја потврдуваат потребата од целосно воведување на системот „Сејф сити“, со цел значително унапредување на безбедноста во сообраќајот.