Сиромав човек не може ни да живее ни да умре

За купување на гробно место на градските гробишта во Бутел цената е минимум 200 евра и тоа е основната цена, а ако сакате дополнителни уредувања таа се зголемува.

Гробно место од пред две години повеќе не може да се закупува туку може да се купи само за починато лице. За останатите услуги сандак, крст, венец, користење на капела и ладилник минимум граѓаните ги чини околу 500 евра. Ова се основните трошоци кои треба да му ги платите на погребалното претпријатие, но сепак тука не завршуваат давачките. За пеењето на попот тарифата е 50 евра. Во зависност од изборот на споменикот се одредува и цената. Само мермерна рамка чини 400 евра додека споменик минимум 650 евра. Дополнителен трошок околу 500-600 евра носи и ручекот што се дава по погребот.

- Моравме да земаме кредит и да позајмуваме од луѓе за да го погребам сопругот. Ова е навистина луда цена толку скапо да чинат погребните услуги во однос на нашите примања што ги имаме. Една просечна плата е 21 илјада, а само услугите за сандакот, капелата и ладилникот се околу 30 илјади денари. А каде се тука трошоците за споменикот, гробното место и ручекот за најблиските - вели една скопјанка.

-Не е само ова проблем, колку граѓани има што додека се живи ги мачи тоа што немаат гробно место и пари за тој чин. Треба да се превземе иницијатива да се одвојува некоја минимална сума од плата како здравственото осигурување и кога ќе дојде тој момент никој да не е загрижен туку достоинствено да се испрати човекот, вели една скопјанка.

Пред извесно време со речиси двомесечното одложување на закопот на Слободан Минциковски, познат како чичко Цобе, сепак имаше успешна завршница и тој беше погребен на градските гробишта „Бутел“ благодарејќи и на хуманитарната акција иницирана на социјалната мрежа Фејсбук, од страна на здружението „Вистински дела на љубезност“. Човекот што продаваше стари книги, списанија и учебници во една од дрвените куќички покрај кејот на Вардар во делот на „Дрво декор“, почина во болница, околу десет дена откако, на трети август, беше нападнат на кејот на Вардар и оттогаш па до крајот на септември неговото тело стоеше во капелата во Бутел, бидејќи неговото семејство немаше пари за погреб.

Три илјади денари беа причина речиси два месеца тело на починат човек да лежи во капелата во Бутел. Поради лошата материјална состојба на семејството, хуманитарните здруженија бараат начин Слободан да биде погребан. Патот до вечното почивалиште за околу 50 лица годишно го попречуваат бирократските процедури.