Синоличка Трпкова: Срцето на актерот може многу подолго да крвари, отколку кај другите

Колку што е актерот моќен, толку е и кревок. Додека се восхитуваме на неговата игра, тој венее одвнатре како цвеќе на мраз. Додека мислиме дека сиот свет е негов, тој не може да најде ни ќоше спокој, пишува на Фејсбук Синоличка Трпкова во чест на починатиот актер Славиша Кајевски.

„Актерот сака да игра и така се спротивставува на сите неправди. Тој сонува за недостижни работи и се стреми кон нив. Тежок е животот на актерот, не само на овие простори, туку секаде. Срцето на актерот може многу подолго да крвари, одошто кај другите. Неговите емоции можат да биде деструктивни, убиствени, не само за него, туку и за останатите. Да се биде актер е болно задоволство. Живееш со тежина, додека пукаш од среќа. Оваа професија е најтешка. Вистинскиот актер во вистински режисерски раце може планина да помрдне, реалноста да ја мени. Вистинскиот актер само! Нека ти е светол патот Славиша“, додава таа.

Актерот Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот. Кајевски е роден на 01 февруари 1982 година, во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 година. Од 2010 година е актер во Македонски народен театар – Скопје.