Синдромот на силната жена: Таа сака и може сѐ, но во целиот процес се губи себеси...

„Жените се најсилни кога ќе се потпрат на своите слабости“ – Марија Ду Дефон

Поимот „силна жена“ вклучува карактеристики како силна, храбра, упорна, жена која се бори како лавица, тежнее кон совршенство, посветено работи и поеднакво е посветена на своето семејство. Но, од друга страна, таа иста жена во дното на својата душа ги чува своите вистински чувства, како и грижат за себе. Сите други ѝ се на листа на приоритети, освен самата таа. Таа може сѐ, ништо не ѝ е проблем или тешко, секогаш е тука да им помогне на другите, сака сите да се среќни, сама започнува проекти, се грижи за децата, трча наваму-натаму, но во целиот тој хаос, таа се заборава себеси. 

И секако, тука е прашањето околу љубов и мажи. Тоа е дел од нејзиниот живот кој никако да ѝ појде од рака. Сѐ почесто се забележува интересниот парадокс – силни и успешни жени често избираат слаби мажи. Тука секако се мисли на карактер. Избираат мажи кои се „вечни деца“ и не можат да ѝ го дадат она што таа го сака.

Една жена неодамна ми кажа: „Успешна сум во сѐ што правам, на работа ме ценат и сакаат, а на крај си доаѓам дома и ме чека човек крај кого се чувствувам потполно различно. Воопшто не знам зошто сѐ уште сум со него и зошто постојано му давам нови шанси.“

Силните жени тежнеат кон совршенство и неоткажување. Мораат да завршат сѐ што ќе започнат. Еднаш една девојка ја слушнав како вели: „Воопшто не ми се допаѓа тој курс, но го започнав, па морам да го завршам.“ 

Силните жени ги забораваат своите потреби и длабоко желби, тие можат сѐ, што и да им ставите пред нив, тие стоички ќе поднесат сѐ, дури и ако не им се допаѓа. Истата работа се случува кога ќе започнат врска, тие мислат дека со својата упорност, љубов, нежност, трпение, можат да го променат мажот или да ја спасат врската. Тие даваат нови шанси од истата причина која погоре ја наведов: Не сакаат да се откажат! 

И еден ден нешто се буди во таа жена. Тоа може да биде предизвикано од милион причини. Но, што и да е причината, тоа го разнишува темелот на кој се потпира. Ништо не те буди како болест. Многу силни жени со кои сум се среќавала се разболувале од најразлични болести, од психички до физички. Проголтувањето на чувствата, туѓите проблеми и занемарувањето на своите потреби влијае и води кон појавување на различни болести. Тоа е знак дека потребно е да се променат многу работи и да се научи нешто од сето тоа. Жената мора да научи да запре и да се смири.

Низ тој процес сфаќаат дека сепак не биле толку силни и полека фаќаат чекор со своите чувства, дозволувајќи си ја и таа страна од себес. Со будењето на чувствата се будат и различни делови од неа. И така почнува да си ги поставува прашањата: „Што сакам од својот живот?“, „Која сум јас?“, „Дали оваа врска е добра за мене?“

Тоа се почетните чекори за враќање кон себеси. За одговор на овие прашања потребно е да се свртиш кон себеси, да си дадеш време и простор за да сфатиш што се случува во тебе. Сум гледала жени како зборуваат за болни работи кои им се случиле во животот, без да пуштат макар една солза, затоа што и тоа го гледаат како проект, од својата рационална страна. 

Но, потоа, тие исти жени, еден ден доаѓаат и почнуваат да плачат, без да кажат еден збор, доволно е само да ги погледнеш и знаеш. Знаеш дека почнува исцелувањето, она што ќе им помогне да го запознаат сопственото битие и да си го вратат сопствениот живот. Јас ова го знам, затоа што и јас бев дел од тој процес. Полека се приближуваат кон својата женствена страна, оној ранлив дел кој со години вешто го криеле. Се ослободуваат од болните случувања кои никогаш не ги исплакале, само за да не покажат дека не можат сѐ да направат сами. И не ни мораат.

Со пуштањето солзи почнува да се руши оној цврст ѕид кој ве штити од реалноста на животот. После тоа, жената сфаќа дека со поминување низ нејзините слабости, таа всушност станува сѐ посилна и понезависна. Тоа е клучот за да се излезе од лошите, незадоволувачки и отровни врски. Иако делувало дека добива сигурност, заштита од таквиот маж, таа всушност добивала бегство од себеси. 

Трудејќи се да ја одржи таа врска со сите сили, таа всушност го изгубила својот живот. Тогаш било претешко да признае дека не е пораз ако се откаже од врска која не ја прави среќна. За врска се потребни двајца, но важно е да се знае дека една личност не може да ги исполни сите ваши потреби. Тоа морате и самите на себеси да си го дадете преку љубов кон себеси. А првиот чекор нека биде признавањето дека е во ред понекогаш да бидете само она што сте.