Синдикатите со марш ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот

Синдикалните организации во Македонија денеска се приклучуваат кон одбележувањето на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот којшто се слави во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права.

Најстариот, Сојузот на синдикати на Македонија, по неколку години пауза се враќа на традиционалното одбележување на 1 Мај, односно со првомајски марш по улиците на главниот град.

Под мотото „Патиштата се различни, целта е една“ маршот ќе почне пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија и ќе продолжи пред македонското Собрание и Владата на Република Македонија каде ќе бидат испорачани синдикалните барања за подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор. Синдикалниците ќе кажат и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

– Се враќаме на традиционалните патишта. Одлуката е донесена едногласно од највисоките органи и тела. Сите претседатели и советници ја донесовме одлуката на 1 Мај да се маршира и да се кажат работничките барања, истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски на минатонеделната прес-конференција на која беше најавен првомајскиот марш.

Првомајскиот марш се поклопува и со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија

Неколку години наназад, почнувајќи од 2010 година, ССМ со претходното раководство го одбележуваше 1 Мај со кампањи за одредени области од заштитата на работничките права и како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што беа Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за минимална плата.

Првомајски протестен марш за денес најавија и од Конфедерацијата на синдикални организации барајќи целосна измена на Законот за работни односи и нивни претставници да бидат вклучени во преговорите. Нивниот марш ќе почне од пред зградата на Македонската радиотелевизија.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија по повод празникот на трудот издадоа проглас во кој потенцираат дека економско-социјалната состојба во државата е лоша, оти социјалното партнерство и дијалог не функционира, се кршат одредби од колективни договори и закони, особено законите за работни односи и за пензиско осигурување, како и дека се бележат притисоци за зачленување или прекин на членство во одредени синдикати.

Најавија дека денеска нема да одржат протест, а од Владата побараа отпочнување преговори во делот на платите, согласно Законот за работни односи и колективните договори, задолжително учество во најавениот ребаланс на Буџетот во делот на платите, како и социјалното партнерство да почне да функционира и на централно и на локално ниво.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.

Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.