Синдикат на култура: Средства за нивелација на плати до 31 декември или блокираме институции

Културните институции ќе бидат блокирани а вработените Новата Година ќе ја дочекаат на улица, доколку до крајот на годинава не биде усвоено барањето на Советот на Синдикатот на културните работници, да се направи итно нивелирање на платите во културните дејности.

Тие се револтирани дека Министерството за култура доцни и не ги исполнило ветувањата за донесување на новиот Закон за јавен интерес во културата и новиот колективен договор.

„Нашето барање за нивелирање на платите го упативме и до пратениците во Собранието и очекуваме дека Министерството за финасии ќе ја препозне нашата иницијатива и потребата итно да се реши овој проблем. Сметаме дека не е праведно за исти ангажмани и одговорности да има толку големи разлики во платите на вработените во културните институции.“, рече Сања Јовановиќ, претседателка на СКРМ на денешната прес конференција пред Министерството за култура.

Според нивните проценки, за порамнувањето на платите би биле потребни 75 милиони денари што треба да ги обезбеди Министерството за финансии. Предлогот за нивелација, според Синдикатот е преодна мерка со која би се амортизирала големата штета што ја трпат културните работници.

Министерот за култура пак, пред три дена подвлече дека негов приоритет останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе бидат остварени условите за потпишување на колективниот договор во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, дополнително ќе бидат обезбедени по спроведените анализи од страна на стручните служби на Министерството за култура и претставниците на репрезентативен синдикат.