Синадиновска: Не знам кога ќе се свестиме дека имаме работа не само со криминалци, туку и со психопати

Новинарската Катарина Синадиновска со став за менталното здравје на народот кој живее на овие простори по низата „црни“ случки. 

Таа, алудирајќи на случајот со убиството на двегодишното девојче во соседна Србија, кој ја потресе и македонската јавност, вели дека е потребна и медицина, освен правото и судот. 

Нејзината фејсбук објава ви ја пренесуваме во целост: 

- Менталното здравје на граѓаните низ светот, особено во последните децении, е сериозно нарушено.

Во региони, како нашиов, каде имате комбинација на страшно стресна целокупна живеачка и стигматизација за лекување на болестите на психата, алармот треба да е вклучен на најјако.

Едно е сузбивање на криминал, соодветни акции на органите и санкционирање на злодела, односно терање на законскиот пат и владеењето на правото, друго е паралелно со тоа општеството да има механизам и однос кон растројствата на луѓето.

Никој не може да ме убеди дека психички здрав човек може да изврши вакво монструозно злосторство, па уште врз дете.

Препознавање и потоа соодветна, навремена институционална реакција, но и реакција од околината е клучна.

Не знам кога ќе се свестиме дека имаме работа не само со криминалци, туку и со психопати. А тука не помага само правото или судот. Ни треба и медицина.

За жал, ни кај нас, после сѐ што се случи, ниту во соседството, не гледам некаков заеднички и комплементарен одговор или акција на двете гранки.