Симовски: Пописот е спроведен во согласност со сите стандарди

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски за Слободен печат вели дека пописот е спроведен во согласност со сите стандарди што ги пропишуваат Обединетите нации, а истите ги прифаќа Евростат. Тој додава дека не гледа никаква можност Уставниот суд да ја прифати иницијативата на Скендер Реџепи и смета дека ваквата иницијатива е политички интерес.

„Тоа што со сигурност го тврдам е дека пописот е спроведен во согласност со сите стандарди што ги пропишуваат Обединетите нации, а ги прифаќа Евростат, а кои се однесуваат на Европа и пошироко. Во овие стандарди што се нарекуваат препораки, точно е дефинирано што е цел на пописот. Нерезидентното население не е задолжителна цел во пописот, затоа што тие лица што не живеат во земјата што врши попис се дел од пописот во земјата во којашто живеат. Во спротивно, би имало двојно попишување и никогаш со точност не би можела да се утврди фактичката состојба. Пописот треба да биде фотографија. Вие или сте на таа фотографија или не сте, не може да бидете и да не бидете. И затоа се прави во даден момент, има критичен момент на пописот, тоа е најчесто на полноќ на соодветен датум и се попишува во тој момент кој бил тука. Тоа е правило што важи за сите земји во сетот“, вели Симовски за „Слободен печат“.