Симовски: Најдобро е пописот да се одржи 2020 година

Пописот на населението се планира да се одржи во 2020 година и ќе се користи комбиниран метод што подразбира истовремено спроведување на терен преку интервју лице в лице и користење податоци од базите на податоци кои веќе постојат во државата. Ова го вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во интервју за БИРН.

Тој тврди дека нема да прифати никакви притисоци, особено не политички, бидејќи смета дека пописот не треба да даде слика само за етничката состојба во една држава, туку опфаќа многу сегменти од кои можат да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество.

– Во 2019 година ќе имаме претседателски, а во 2021 година парламентарни избори, па решивме дека најдобро е пописот да се спроведе во 2020 година, кога нема да има поголеми политички турбуленции, истакнува Симовски, додавајќи дека во 2019 година би се спровел пробен попис на мали територијални делови од државата, со цел да се тестира како би течел процесот.

Пописот би чинел 8,5 милиони евра и според првиот човек на Државниот завод за статистика, полето за „етничка припадност“ воопшто и не треба да биде дел од пописниот материјал, како што е случајот во многу други држави.

– Од статистичка гледна точка, етничката припадност и вероисповедта не играат никаква улога, бидејќи тоа се менливи категории и јас ќе се залагам овие две работи да не бидат дел од претстојниот пропис, туку единствено делот за мајчиниот јазик на лицата кои ќе бидат попишувани. Јазикот што се зборува во семејството е задолжителна категорија и таа секако ќе ја регистрираме. Јазикот, пред се, е потребен заради планирање на образованието, вели Симовски.

За неуспешниот попис од 2011 година, Симовски посочува дека доколку не се прекинел, би се добила нереална бројка од околу три милиони жители.

– Тоа беше политички попис, се формираше Државна пописна комисија, која беше политичко тело, а која согласно донесениот Закон требаше да го спроведе Пописот, додека ние како Завод за статистика практично бевме само даватели на услуги на таа комисија. За разлика од тогаш, сега ние ќе ја водиме работата, ние ќе бидеме тие што ќе го спроведат пописот, согласно Законот за државна статистика, истакнува Симовски.

Според него, дел од пописот треба да бидат и лицата кои не живеат во земјава, за да се добие слика за бројот на иселеници.

– Моите очекувања се дека на пописот што следува ќе добиеме слика за населението што нема да ни се допадне. Ќе откриеме дека имаме големо иселување од државата, што е реалност која мора да ја прифатиме, вели Симовски.