Симон Трпчески на публиката во Македонија и приреди вистински концертен спектакл, со настапите во Античкиот театар во Охрид и во Хераклеја во Битола.

Во Охрид, нашиот светски познат македонски пијанист изведе четири мазурки од Фредерик Шопен, Сонатата бр. 3 од Едвард Григ и „Дивертименто“ од современиот француски композитор Гијом Конесон. Концертот продолжи со делови од „Македонисимо“, во кој македонската народна музика добива современ израз преку аранжманите на Панде Шахов.
Трпчески не остана само зад пијаното. Помеѓу композициите со публиката споделуваше приказни и лични спомени, а во еден момент заедно со неа ги запеа и „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“.

Посебна тежина има фактот што Охрид е град со кој Трпчески има долгогодишна врска. Токму таму го одржал својот прв солистички концерт, во 1993 или 1994 година. По концертите, Трпчески им се заблагодари на музичарите со кои ја сподели сцената, на публиката која остана и покрај временските услови, како и на сите што помогнаа во реализацијата.
По античките сцени во Охрид и Битола, летната концертна приказна за Трпчески продолжува во Букурешт и Сион.