Симон Трпчески продолжува со настапите во Белфаст, Осло, Барселона и Мадрид

Пијанистот Симон Трпчески со својата изведба и разновиден репертоар, продолжува да го освојува светот. Изминатите денови имаше три успешни настапи во Линколн центарот во Њујорк кои беа наградени со овации од присутната публика.

Таму настапи со Њујоршката филхармонија, под диригентската палка на Јакуб Хруша и на својот фејсбук профил напиша:

-Прекрасно е чувството да се биде повторно овде.

Со Прокофиев на репертоарот тој уште еднаш триумфираше на њујоршката сцена, а веќе на 18 јануари ќе настапи во Белфаст, Ирска со Улстер Оркестарот под водство на диригентот Габриел Бебешелеа. На репертоарот овој пат ќе биде Брамс.

На 24 и 25 јануари македонскиот пијанист ќе настапи во Осло, Норвешка, заедно со Филхармонијата од овој град и под диригентство на светски познатиот Васили Петренко.

Овој месец, кој за Трпчески започна првиот ден од јануари со два концерти во Хановер, ќе заврши со мини турнеја во Шпанија, каде на 29 јануари ќе има настап во Барселона, додека на 30 и 31 ќе настапи во Мадрид со филхармонијата на Осло.