Сиљановска-Давкова со велигденска честитка: Да ги отвориме срцата за ближните и да ја зајакнеме солидарноста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод Велигден, најголемиот христијански празник, со порака за мир, љубов и заедништво.

„На сите православни верници им го честитам најголемиот и најсветол христијански празник, Воскресението Христово – Велигден“, порача претседателката.

Таа истакна дека празникот ја носи симболиката на победата на животот над смртта и на светлината над темнината, посакувајќи во домовите на граѓаните да се вселат мир, љубов, здравје и духовна благодат.

„Воскресението Христово е темел на христијанската вера, вечен извор на надеж и суштина на човековото постоење“, наведува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека токму преку жртвата, смирението и љубовта човекот се издигнува и се приближува кон божественото.

Во својата порака, таа се осврна и на актуелните општествени предизвици, повикувајќи на единство и почитување на основните вредности.

„Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит“, истакна претседателката.

Таа повика граѓаните да ги отворат срцата за ближните, да ја засилат грижата за ранливите и да го поттикнат духот на заедништво.

„Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто“, порача Сиљановска-Давкова.

Честитката ја заврши со традиционалниот велигденски поздрав: „Христос воскресе! Навистина воскресе!“.