Сиљановска-Давкова: Со досега сработеното, Армијата покажа дека и мала држава може да биде кредибилен и доверлив сојузник

Вчера во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со воена свеченост беше одбележан 17 Октомври – Денот на Командата за операции.

На воената свеченост во Куманово, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, присуствуваа и поранешни команданти на единицата, претставници од воено-дипломатскиот кор, како и претставници од локалната самоуправа и организации со кои командата остварува успешна соработка.

Претседателката Сиљановска-Давкова во обраќањето наведе дека членството во НАТО е наша стратешка определба, но и заложба за почитување на принципите на колективната одбрана и солидарност.

„Со извршувањето на преземените обврски и усогласувањето со стандардите на Алијансата, вие, македонската Армија покажавте дека и мала држава може да биде кредибилен и доверлив сојузник. Нејзината интероперабилност, обученост и учество во заедничките активности се јасна потврда за нашиот голем придонес кон колективната безбедност. Посакувам јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото да најдат соодветна примена и во процесот на европската интеграција“, рече претседателката.

Исто така, во обраќањето таа кажа дека Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем, зашто токму во неа се вкрстуваат командувањето, обученоста, организацијата и способноста за дејствување.

Министерот Мисајловски во своето обраќање истакна дека придонесот на припадниците на Командата за операции кон безбедноста на државата е значаен и видлив, како во земјата, така и надвор, и дека нивната посветеност и подготвеност се особено значајни и видливи особено при справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби.

„Преку учеството во мултинационалните сили и операции на НАТО, вие непосредно придонесувате за зајакнување на колективната безбедноста и одбрана. Со својата работа покажувате дека Македонија е одговорна членка на Алијансата, држава која не е само корисник на колективната безбедност, туку и активно придонесува во нејзиното зацврстување. Тоа е одговорност која не може да се измери само со бројот на реализирани задачи, вежби или мисии“, рече министерот Мисајловски.

Тој им порача на припадниците на Командата дека институционалната грижа за припадниците на Армијата и унапредувањето на нивниот професионален статус остануваат во фокусот на Министерството за одбрана и Генералштабот. Во таа насока, продолжуваат заложбите за подобрување на условите за работа, вложување во човечките ресурси, развој на воените способности и модернизација на армиските капацитети со една цел – „посилна, посовремена и подобро опремена Армија“, подготвена да одговори на предизвиците и задачите што произлегуваат од националните безбедносни потреби и од обврските што ги носи членството во НАТО.

Во своето обраќање, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски истакна дека изминатиот период бил исполнет со многу задачи посочувајќи ја организацијата и реализацијата на вежбата „Блесок 26“, на која успешно е оценета Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ).

„Највисоките оценки кои ги добивме од НАТО оценувачите се одраз на напорната и посветена работа на војниците и старешините кои се во составот на ЛПБГ“,рече тој.