
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска порача дека Илинден е ден за потсетување на борбата на повеќе генерации за создавање самостојна македонска држава, но и можност да се укаже на обврските што денешните генерации ги имаат кон државата и нејзината иднина.
Во обраќањето на централното чествување на 2 Август – Илинден, пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје, таа истакна дека државата се чува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика и се зајакнува преку национално помирување.
„За жал, денес, најперспективните млади луѓе масовно се иселуваат во потрага по пристојно место за живеење. Некои, поради блокираните евроинтеграции, посегаат и по пасош од други држави членки“, рече Сиљановска-Давкова.
Како клучни предизвици ги посочи корупцијата, организираниот криминал, партократијата и загадувањето, нагласувајќи дека младите ќе останат да живеат и да создаваат семејства во земјата само доколку знаењето и успехот станат поважни од партиската припадност и личните познанства.
Осврнувајќи се на историското значење на Илинден и АСНОМ, претседателката оцени дека АСНОМ бил длабоко осмислен демократски и државотворен чин. Таа нагласи дека никој нема право да ја ревидира македонската национална историја и дека антифашизмот е еден од темелите на државата.
Сиљановска-Давкова зборуваше и за улогата на Методија Андонов – Ченто, посочувајќи дека неговиот потпис стои на клучните одлуки за воспоставување на македонскиот јазик како службен, прогласувањето на Илинден за државен празник и создавањето на институциите на македонската држава.
Во однос на евроинтеграциите, таа истакна дека македонскиот пат останува проевропски, но оцени дека блокадите и постојаните барања го нарушуваат сувереното право на самоопределување. На крајот повика на надминување на поделбите и заедничко дејствување за прашањата од национален интерес.