Сиљановска-Давкова од Софија: Балканот има потреба од дебалканизација преку европеизација - реформите треба да бидат главен фокус на проширувањето на ЕУ

Балканот има потреба од дебалканизација преку европеизација, порача денеска од бугарската престолнина Софија македонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова.

Претседателката денеска на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) повика на обновување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз кои пред три децении беше воспоставен овој процес.

Во своето обраќање, таа предупреди дека Југоисточна Европа се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности. Според неа, овие проблеми бараат храбро и одговорно лидерство, засновано на солидарност и заеднички интереси, наместо на тесни и парцијални политики.

Според неа, процесот на проширување на Европската Унија мора да се темели на Копенхашките критериуми, а напредокот во спроведувањето на реформите да го диктира темпото на пристапниот процес.

Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот автор Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, таа предупреди на потребата од дебалканизација преку европеизација.

За неа, европската интеграција е природна, како и геополитичка и безбедносна неопходност, а стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес на сите држави во регионот, но и на Европа.

Сиљановска-Давкова повика на регионална одговорност, како гарант за чекорење кон предвидлива и сигурна заедничка иднина, истакнувајќи дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој, наместо во блокади и поделби.