Сиљановска-Давкова на средба со професорката Симјановска-Мишева која ќе работи на јакнење на дигиталниот суверенитет

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со д-р Моника Симјановска-Мишева, професорка на ФИНКИ и една од добитничките на признанието „Жени во технологијата“.

Симјановска-Мишева е дел од првата генерација на шестмесечната Глобална извршна програма за технолошка дипломатија и дигитален суверенитет во Париз, на која, како што информира претседателката, била предложена од неа.

Програмата е насочена кон развивање капацитети за поврзување на технологијата со надворешната политика, како и кон градење стратешки партнерства во глобалниот технолошки амбиент.

Професорката учествувала и на Вториот глобален форум за технолошка дипломатија, одржан во седиштето на УНЕСКО под мотото „Градење доверба во ера на поделби“. На форумот учествувале претставници на влади, меѓународни организации, универзитети, невладиниот и бизнис-секторот.

Во рамки на програмата, Симјановска-Мишева ќе работи на развивање механизам за јакнење на дигиталниот суверенитет на Северна Македонија, преку поврзување на националните приоритети со расположливото знаење, технологиите и капацитетите во земјата и во странство.

Сиљановска-Давкова ја охрабри професорката во нејзината работа и ѝ посака успешна имплементација на механизмот и постигнување конкретни и видливи резултати.