Новиот состав на Комисијата за помилување ќе биде конституиран за два-три дена, најави претседателката Гордана Сиљановска Давкова, посочувајќи дека досега прифатиле пензионираната судијка од Врховниот суд Милка Ристова, професорите Оливер Бачановиќ, Афет Мамути, Александра Груевска и психолог професор од Факултетот за безбедност Драгана Батиќ.
Согласност, како што појасни Сиљановска Давкова, очекува уште од еден почитуван пензиониран новинар и од уште една професорка по казнено право од Штулов универзитет.
„Најважното за оваа комисија е прво, бидејќи доаѓа Нова година, а тогаш има помилувања, да го стори тоа. Ама, час поскоро да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања, за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Потоа, исто така, да свика, претседателката на Комисијата една расправа, знаете дека беше изработена работна верзија на Закон за помилување. Нашиот Закон за помилување сега е многу дефектен, после промените, значи укинувањето на одредби од Уставниот суд, навистина, нам ни треба еден закон компатибилен со европските и мислам дека тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето, изјави Сиљановска Давкова, во интервју за МРТ.