Сиљановска-Давкова и Мисајловски на традиционална средба со пензионираните генерали и поранешните началници

Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, генералите во Армијата и државниот секретар во Министерството за одбрана, остварија традиционална новогодишна средба со пензионираните генерали и поранешните началници на Генералштабот на Армијата, информираа денеска од Армијата преку објава на социјалните мрежи.

На средбата, пензионираните генерали и поранешните началници на Генералштабот биле информирани за реализираните активности во изминатата година, како и приоритети и плановите на Армијата за наредната година.

Во рамките на средбата, било одбележано и пензионирањето на поранешниот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој оваа должност ја вршеше во два последователни мандати во период од 18 август 2018 година до 18 август 2024 година.