Во време кога сме постојано во движење, кога ни се нудат „брзи решенија“ за секој проблем, концептот на избалансирана исхрана често се губи помеѓу противречни информации, диети и нови „ здрави Тик-Ток трендови“.
Photo by Jane T D.
Но вистината е едноставна: избалансираната исхрана не значи совршенство, рестрикција или броење калории. Таа значи свесен избор, разновидност, и почит кон сопственото тело.
Во денешниот животен стил, каде многу луѓе јадат на нозе, пред екран или во движење, избалансираната исхрана почнува од едно – внимание. Да застанеш и да се прашаш: „Што му треба на моето тело денес?“ Избалансираната чинија не е само естетски убава, таа е хранлива. Таа содржи комбинација од макронутриенти: сложени јаглехидрати (на пр. интегрални житарки), протеини (на пр. јајца, мешунки, месо, риба), здрави масти (маслиново масло, авокадо, јаткасти плодови), и доволно зеленчук и овошје. Тоа е основата.
Но, баланс не значи само што има на чинијата,туку и како јадеме. Ако јадеме во стрес, без да џвакаме, без да уживаме, тогаш дури и најздравата храна не го носи истиот ефект. Денешниот баланс значи да си дозволиме и уживање, и структура. Да се напиеме кафе со пријател, без чувство на вина. Да изедеме чоколадо без да мислиме дека сме „згрешиле“. Да готвиме дома, кога можеме – не затоа што мораме, туку затоа што тоа е облик на грижа за себе.
Photo by Alberta Studios
Избалансираната исхрана е и флексибилна. Знаеме дека ќе има денови со брза храна, со оброци од маркет или скокнати вечери. Но знае и дека телото не се определува од еден оброк, туку од целината. Тоа ни дозволува да бидеме луѓе, а не машини. Наместо „или-или“ логика („или јадам здраво, или не“), велиме „и-и“: и храна што ме храни, и храна што ме радува.