Што влијае на нашиот избор на партнерот?

Како ја избираме љубовта и како таа влијае  на изборот на партнерот?

 Машко – женските односи се одвиваат како во реалноста, но така и на несвесно ниво. Од најрано детство, несвесно го усвојуваме калапот според кој го избираме нашиот партнер во иднината. Според Карл Јунг, овие идеални слики се нарекуваат Анима и Анимус, од кои Анима е вродена слика по која мажот ја избира жената, а Анимус е сликата по која жената го избира својот партнер. На развојот на овие слики влијае начинот на којшто сме воспитани и средината во која растеме. Тоа се случува преку нашето набљудување на начинот на кој родителите се однесуваат еден кон друг, како во нашата средина едниот пол се третира од страна на другиот и како на нас влијаат другите луѓе.

Кога се зборува за Анима и Анимус, треба да се нагласи дека сексуалноста и физичката привлечност не се на прво место. Исто така, многу мало влијание има тоа што свесно го сакаме од партнерот. Анима и Анимус се несвесни слики, па споре тоа, на прво место се нашите несвесно всадени перцепции и односот кон спротивниот пол.

Доколку го набљудуваме односот на нашите родители, можеме многу да дознаеме за нас самите. Да претпоставиме дека мајката е доминантна во семејството, додека таткото е пасивен. Од овој однос, ќерката ќе ја привлекуваат мажи кои се попасивни и таа ќе влегува во врски во кои има доминатна улога. Исто така, и синот во тоа семејство ќе бара доминантни жени. И ќерката и синот ќе ги прифатат несвесно овие улоги, бидејќи тие се научени во детството, па несвесно и се прифаќаат таквите односи.

Ова е многу едноставен пример, но работите се усложнуваат ако се влезе во подлабока анализа. Доколку се земе за пример дека доминантноста на еден од родителите се рефлектира преку негативно однесување, односно преку агресија и суровост, тука постојат негативни аспекти на Анима и Анимус. Децата не го категоризираат ова однесување како добро или лошо, туку го прифаќаат како нешто што се подразбира, следејќи го примерот на своите родители, за да подоцна во својот живот се привлечени од партнери со слично однесување.