Што треба да направите ако го изгубите пасошот во странство?

Доколку се најдете во ситуација да сте во странство и да го изгубите или оштетите пасошот, советите кои ќе ги прочитате во продолжение ќе ви помогнат и укажат на тоа што треба да направите.

Доколку лице државјанин на Република Македонија остане без патна исправа во некоја земја, потребно е да пријави губењето на исправата во најблиската полициска станица и да му се издаде потврда за истото.

Потоа со потврдата треба да се отиде во дипломатско конзуларното претставништво на Република Македонија во таа земја, каде што на лицето ќе му се издаде патен лист за да се врати во Република Македонија.

Доколку вашата патна исправа се оштети исто така се обраќате до најблиското ДКП на Република Македонија каде ќе ви издадат патен лист.

Пред да тргнете назад со патен лист доколку транзитирате преку повеќе земји информирајте се дали за некоја од планираните земји ќе ви треба соодветна виза за транзит.

Согласно законската процедура, секој државјанин на Република Македонија, пак ако ја изгубил, му ја украле или исчезнала патната исправа во странство, за да извади нова патна исправа во некое од конзуларните претставништва на Македонија, пред да поднесе барање, потребно е претходно да го најави својот интерес за добивање патна исправа. 

Кон барањето за издавање патна исправа, потребно е да се приложат следниве документи:

-уверение за државјанство на Р. Македонија

-валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)

-извод од Матичната книга на родените

-документ за идентификација издаден од земјата на приемот или од Р. Македонија (лична карта и сл.)

-потврда од полиција (преведена на македонски јазик) дека е пријавен пасошот за украден, изгубен или исчезнат

-лична изјава потпишана од странката дека патната исправа е изгубена, украдена или исчезната

-објавување на изгубената, украдената или исчезнатата патна исправа во Службен весник на РМ (може лично да се објави или да го сторат тоа роднини во градот на подрачната единица на МВР каде што е издадена патната исправа).