Што со недоправениот постамент за споменикот на Мајка Тереза?

Кабина за тоалет, наредени гранитни плочки од некој дел од градскиот плоштад, лимени тараби излепени со плакати… тоа е она со што скопјани секојдневно се среќаваат кога поминуваат покрај постаментот за споменикот на Мајка Тереза на главниот плоштад. Од една страна притеснет е со хотелот „Мериот“, а од друга со оградениот постамент каде е и карабината на со години незавршениот хотел на градскиот плоштад.

На сите им е очигледно дека големиот постамент кој сега претставува џиновски бетонски блок опкружен со скелиња и заштитни мрежи им пречи на пешаците и е прилично грда слика. Преиспитувањето на проектот „Скопје 2014“ од страна на посебна работна група потврди дека на овој споменик местото не му е тука и дека треба да се тргне. Не само заради тоа што бил изграден во една незаконска постапка туку и најмногу од причина што преставува проблем во овој важен дел од градскиот простор. Но, таков став на работната група не го прифати Владата бидејќи пресметала дека уривањето на постаментот ќе чини поскапо отколку неговото искористување за некоја друга намена.

Колкава сума е во прашање, не е соопштено. Надлежното Министерство за култура во февруари годинава е задолжено да распише јавен конкурс за пренамена на овој објект. Но, оттогаш до сега ништо не е соопштено.

-Тој постамент, едноставно, не може да се пренамени во ништо и заради тоа непотребна беше таква иницијатива. Очигледно е дека тој постамент треба да се тргне, односно, целосно да се урне. Тој не само што е назаконски поставен туку многу го нагрдува просторот, го задушува одењето на пешаците и тој спој на улицата „Орце Николов“ со плоштадот треба да биде слободен. Не може цената за уривањето да биде алиби за неговото останување таму. Тој простор треба да се ослободи, ни вели архитектката Душанка Шуловиќ.

Таа не е единствена што мисли така. Архитектот Мартин Пановски, кој беше дел од работната група која предложи уривање, поднесе оставка откако Владата реши да се прави пренамената. И другите граѓани смеаат дека на овој објект местото не му е тука.

-Плоштадот е и онака пренатрупан со градби. Овој споменик уште не е направен и може да се урне. Навистина, луѓето не можат ниту да поминат за да дојдат до плоштадот. Грешка беше уште тогаш кога се определи локацијата. Сега барем таа грешка да не станува уште поголема, ни вели скопјанецот Ристе Алексовски.
Време надлежните да се откажат од идеите да го пренаменат постаментот се уште има. Овој пример е типичен за тоа како треба да се однесуваме и да го вреднуваме градскиот простор. Односно, дека одлуките за тоа што ќе има на некој простор не може да се носат со образложение дали е нешто поскапо или поефтино, туку дали со тоа просторот во градот е поубав или не.

Требаше да биде висок 32 метри и да чини 5,5 милиони евра

Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015 и според договорот со изведувачот „Бетон-Скопје“ треба да чини 5,5, милиони евра и треба да биде висок 32 метри.

Скопско Ехо