Што се случува со кејот позади ГТЦ?

Кејот позади ГТЦ е шеталиште или улица претворена и во паркинг? Ова прашање ни го постави пред некој ден еден наш читател. Дојде во редакцијата изреволтиран. Ние не бевме затекнати од прашањето, ама тешко ни одеше одговорот. Читателот нервозно мавташе со рацете, а ние се обидувавме да го објасниме она што навистина нема логика – дека кејот е шеталиште ама и улица, ама е и паркинг, ама е и со кафански тераси распослан, ама има и многу контејнери со ѓубре на него, ама…

А читателот стана уште понервозен, не прекина во одговарањето и пак не праша: има ли спас од ваквиот јавашлук? Не чекаше да му одговориме – си замина.

Се надеваме, отиде во градската администрација и кај градоначалникот по одговор на ова прашање. Не стасавме да му кажеме дека не мора да ги бара во канцелариите, многумина од нив се поседнати во кафаните токму на Кејот…

Скопско Ехо