Што се случува кога на закажан преглед во ,,Мој термин‘‘ нема да дојде лекарот?

Пациент оди на закажан преглед кај офталмолог на скопските клиники, но лекарот е на боледување. Се враќа дома без дијагноза и со повторно малтретирање и закажување на Мој Термин.

Ова е само еден од примерите што се случува кога специјалистите имаат слободен ден, боледување или се на годишен одмор, а имаат закажани термини во ординациите.

Од Управата за електронско здравство велат дека вакви случаи не смее да има. Согласно законот, лекарот мора да го пријави отсуството а болницата каде работи да го извести пациентот телефонски или со смс порака дека имаат можност да ги прегледа заменски лекар. Доколку инсистираат на избраниот, тогаш ќе чекаат да се врати.

-Членот 39 од Законот за здравствена заштита јасно прецизира што и како треба да биде регулирано кога лекарот не е на работа. Ако има оставено уреден телефон од болницата мора да одредат лице кое ќе ги информира пациентите за отсуството на лекарот и ќе им понуди можност за преглед кај друг, или пак, да чекаат кај лекарот што го избрале доколку тоа е во догледно време велат  од Управата за електронско здравство.

Доколку пациентот оставил уреден телефонски број на упатот а не го известиле од болницата дека леркарот е отсутен, тогаш, согласно законот има право да бара надомест за патни трошоци.