Што се случи со вакцините со поминат рок?

Германска лабораторија ќе го испитува квалитетот на спорните МРП вакцини на кои имаше декларации со поминат рок. Институтот во Германија со паралелно испитување треба да потврди дали вакцините против морбили се штетни по здравјето или имале само погрешни налепници. Обвинителството кое отвори предмет за овој случај уште пред 5 месеци, се уште го чека и првичното вештачење  што го прави Центарот за испитување и контрола на лекови при Фармацевтскиот факултет.

-ОЈО се уште не го добило вештиот наод и мислење од нареденото вештачење на вакцините. Во меѓувреме, Центарот за испитување  и контрола на лекови при Фармацевтскиот факултет во Скопје до надлежниот јавен обвинител достави предлог од четири лаборатории од други земји каде би можело  да се направи паралелно испитување на квалитетот на вакцините. Притоа, како најсоодветна лабораторија, Центарот ја предлага лабораторијата на Paul Ehrlich Institut од Германија, стои во одговорот од Обвинителството.

Професори од Фармација велат дека едно вакво вештачење трае најмалку 6 месеци, што значи дека јавноста дури наредната година ќе знае каков е квалитетот на вакцините.

-Скандалот со вакцините изби само неколку денови по прогласувањето на епидемијата со морбили. Граѓанин на социјалните мрежи објави слика од вакцина на која рокот е поминат што предизвика недоверба кај родителите и отпорност кон имунизацијата. Следуваше истрага од здравствените власти кои во диспанзерите во седум градови најдоа 625 дози на МРП чии декларации беа спорни. Надлежните тогаш најавуваа одговорност за вработени во пунтовите за имунизација, но од тоа засега ништо.

Пред обвинителството да отвори предмет, 625-те вакцини ќе завршеа во печката во Дрисла. Сега се во магацините на Македонија лек која беше увозник на МРП и ќе бидат складирани таму се додека не заврши целиот процес со докажување на нивниот квалитет.